УЕФА нема да го применува новото правило за директен црвен картон за фудбалери кои ја покриваат устата за време на разговор со противнички играч, иако тоа веќе е во сила на Светското првенство.
Контроверзното правило, познато како „Законот на Винисиус“, беше воведено по инцидентот меѓу Џанлука Престијани и Винисиус Жуниор во натпревар од Лигата на шампионите, а на Мундијалот веќе по него беа исклучени Мигел Алмирон и Пјеро Инкапије.
Сепак, од УЕФА потврдија дека во нивните натпреварувања, меѓу кои Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Конференциската лига, судиите нема автоматски да покажуваат црвен картон. Наместо тоа, секоја ситуација ќе се проценува поединечно, а во одредени случаи ќе може да биде доделен само жолт картон поради неспортско однесување.
Новото правило предизвика бројни полемики во фудбалската јавност, бидејќи многумина сметаат дека остава простор за различни толкувања и можни злоупотреби.