Поранешниот романски репрезентативец Габриел Мурешан почина на 44-годишна возраст, пренесуваат медиумите во Романија.
Според информациите, Мурешан се удавил во езеро во близина на градот Аполд, каде што од 2020 година ја извршуваше функцијата градоначалник. Веста ја потврди и Фудбалската федерација на Романија, која преку социјалните мрежи се прости од поранешниот репрезентативец.
„Фудбалската федерација на Романија изразува искрено сочувство до семејството, пријателите и сите што го познаваа Габриел Мурешан“, стои во соопштението.
Мурешан го носеше дресот на романската репрезентација девет пати во периодот од 2007 до 2011 година. Во националниот тим настапуваше во квалификациски натпревари за Светско и Европско првенство, а беше препознатлив како борбен играч од средниот ред.