Комисијата за обложување и ФА почнаа истрага против голманот Вејн Шо кој јадеше сендвич на клупата за резервни играчи за време на мечот против Арсенал.
Обложувалница имала облог дека Шо ќе јаде пред камера за време на мечот, нешто што голманот го направи и го преплави интернетот со необичниот потег.
„Тоа што се случи не изгледаше многу професионално. Но ние како клуб брзо се справуваме. Самиот Вејн си поднесе оставка до претседателот која беше прифатена. Ова е тажен крај на една многу добра приказна“ – вели тренерот Пол Досвел.
46-годишниот голман вели дека бил свесен за облогот кој постоел, но јадењето на сендвич го направил само поради забава и затоа што бил гладен.
„Кажано ни беше дека не ни е дозволено да се обложуваме додека сме професионалци. Но ова не го направив поради тоа. Го направив само како мала шега и затоа што бев гладен“ – изјави голманот за БиБиСи.
„Дел од момците ми рекоа пред натпреварот: „Што е работата со коефициентот 9 за да јадеш пита?“”.
„Им кажав: „Не знам ништо, не сум јадел ништо цел ден, па можеби ќе го сторам тоа подоцна“”.
„Сите замени беа направени па си реков зошто да не, ајде малку да ја подбуцнам обложувалницата”.
Тој додава дека не се обложил, но неговите пријатели го сториле тоа.
„Мислам дека имаше неколку луѓе кои се обложија. Очигледно на мене и на играчите на Сатон тоа не ни е дозволено. Мислам дека неколку пријатели и неколку фанови се обложија”.
„За нив тоа беше обична шега, нешто на кое ќе се сеќаваат во иднина, и да кажат дека си ги вратиле парите кои ги дале за билет”.