Необична одлука пристигнува од таборот на Курасао на Светското првенство, каде селекторот Дик Адвокат им дозволил на фудбалерите за време на турнирот да престојуваат заедно со своите партнерки. Курасао е дебитант на Мундијалот и по двата одиграни натпревари има освоено еден бод, откако по поразот од Германија со 7-1 одигра 0-0 против Еквадор.
Според информациите од репрезентацијата, Адвокат решил да отстапи од вообичаената пракса во модерниот фудбал, каде играчите најчесто се изолирани од семејствата за време на големите натпреварувања.
Уште поголемо внимание привлече изјавата дека докторот на селекцијата дури им препорачал на фудбалерите да имаат секс пред натпреварите, бидејќи смета дека тоа позитивно влијае на нивната психолошка состојба и помага во намалување на притисокот.
Првиот освоен бод на Светско првенство донесе голема радост во оваа карипска држава, а необичниот пристап во репрезентацијата стана една од поинтересните приказни на турнирот.