На Швајцарија и требаше победа од два гола разлика над Белгија за да ја помина оваа репрезентација на табелата и да го освои првото место кое ќе ги однесе во завршната борба за првиот трофеј во Лигата на нации.
Тоа и се случи, Белгија со два гола на Торган Азар по 17 минути имаше водство од 2-0, и во тие моменти речиси никој не се надеваше дека може да се случи чудо, но се случи.
Родригез намали на 2-1, а до крајот на полувреме со два гола на Сеферовиќ, Швајцарија направи комплетен пресврт и дојде до водство на 3-2, овој резултат се уште и одговараше на Белгија.
Но, во вториот дел најпрво Елведи погоди во 62. минута за 4-2, а Сеферовиќ со гол во 84. минута ја потврди големата победа и запиша хет-трик.
Швајцарија последен пат пред ова се вратила од два негатива и победила со два или повеќе голови разлика на 9. јуни 1938 година кога ја победиле Германија со 4-2 на Светското првенство.
Покрај Швајцарија во полуфиналето од Лигата на нации пласирани се уште и Португалија и Англија, утре ќе биде познат и последниот патник меѓу четирите најдобри, тоа е една од селекциите на Франција и Холандија.