Совети за Дембеле: Мораш да сакаш сам да си помогнеш, кога те видов со солзи во очите синоќа…

by
2 минути читање

Осман Дембеле во
2017 направи богат трансфер на Камп Ноу вреден 105 милиони евра плус додатни 40
милиони евра и требаше да ја предводи реконструкцијата на тимот по рекордниот трансфер
на Нејмар во ПСЖ за 222 милиони евра.

Но младиот
Французин има проблеми со дисциплината како и честите повреди, па никако во
континуитет да покаже што знае и умее. Синоќа тој со солзи во очите го напушти
дуелот помеѓу Барселона и Борусија Дортмунд во Лигата на шампионите поради нова
повреда на мускул. Се шпекулира дека ќе паузира помеѓу четири и шест недели и
повеќе нема да игра оваа година.

Тој денеска доби
совет од поранешниот играч на Еспањол, Хасинто Ела што треба да направи за да
си ја врати кариерата на прав пат.

„Го пишувам ова писмо
бидејќи вчера за време на дуелот помеѓу Барселона и Борусија Дортмунд читав
пораки на Твитер и една гласеше, „Не можам да поверувам, пак ли Дембеле“.
Веднаш знаев дека се работи за нова повреда на мускул, не требаше да барам
повеќе информации. За кратко време стана тренд на Твитер. Веднаш почнаа
шпекулации за тоа каков живот живееш, верувам дека си навикна на ова, но ова е
неизбежно“
– пишува Ела.

„Иако имаш само
22 години, имаш прилично долга историја со повреди. Можеби се работи за ситни
повреди, но голем проблем е што влијаат психолошки и ти ја разнишуваат
самодовербата. Стануваш хипохондрик, и тоа е нормално“.

„Кога видов како
го напушташ теренот со солзи во очите, не ми беше тешко да се ставам во твоја
позиција. Знам што значи повреда на мускулот. Тие се исто како кога на
сиромашно семејствто му се расипува автомобилот, секогаш доаѓаат во лош момент“.

„Заборави на тоа
да се опоравиш што побрзо. Играј само кога ќе бидеш подготвен. Дисконектирај се
од социјалните мрежи на некое време. Зошто ти се потребни социјалните мрежи
кога сите твои пријатели живеат со тебе? Тоа е друг проблем. Не знам зошто
живееш со толку многу пријатели. Дали никој не ти кажал дека тоа не е добро,
или пак не се грижиш за ова?  Да ги
избркаш од твојата куќа не значи да ги избркаш од животот. Разбирам дека ти
треба друштво и поддршка, но треба да почнеш да размислуваш како возрасен. Не е
лесно на твои години, разбирам, но малку животот треба да ти стане досаден за на
терените да го покажеш најдоброто од себе“.

„Што се однесува
до твоето здравје, примени ги сите насоки што ќе ти ги дадат професионалците од
клубот. Докторите, физиотерапевтите и нутриционистите мораат да ти бидат нови
шефови. Ако треба да си легнеш во 8 часот навечер, прави го тоа. Доколку ти
кажат дека треба да станеш веган, јади тофу цело време. Доколку треба да правиш
јога пози, прави ги“.

„Талентот не е
доволен, потребна е посветеност и работа. Пристигна во Барселона за астрономска
сума, стана светски шампион а имаш само 22 години. Можеш да бидеш легенда, но мораш
да сакаш сам да си помогнеш“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×