Силекс без поголеми проблеми стигна до втората победа во новата сезона во Првата лига, откако денеска на домашен терен убедливо го совлада новиот прволигаш Скопје со 3-0.
Кратовци од самиот почеток ја презедоа контролата и беа подобар противник, но и покрај доминацијата, во првото полувреме немаше голови.
Сепак, Скопје не успеа долго да го издржи притисокот по паузата. Само три минути по стартот на второто полувреме, Силекс преку Хусакиќ го отвори резултатот и го најави патот кон нови три бода.
Дополнителен проблем за гостите беше црвениот картон на Сековски на истекот од еден час игра, по што Силекс доби и пенал и со голот на Богдановски го зголеми водството на 2-0.
Конечниот резултат го постави Мишов во 78. минута, за свој трет гол во дресот на кратовскиот тим.
По три одиграни кола, Силекс има седум бода и се наоѓа во горниот дел од табелата, додека Скопје останува со само еден бод, освоен во ремито против Струга.