Фудбалерите на Шкендија неочекувано порано ги завршија подготовките во Словенија, откако административните обврски поврзани со обезбедување визи за гостувањето кај ТНС од Велс ги натераа да се вратат во Македонија.
Тетовскиот прволигаш веднаш по вчерашниот контролен натпревар со бугарскиот ЦСКА Софија, кој заврши без победник (1-1), се врати за Македонија поради терминот за визи за гостувањето во Велс кој бил закажан за денес и утре.
Според првичниот план, Шкендија требаше да остане уште три дена во Словенија и да одигра пријателска средба со Олимпија Љубљана, но овој дуел е откажан поради новонастанатата ситуација.
Како замена, „црвено-црните“ ќе одиграат контролен меч против Динамо Сити од Албанија на 1 јули во Тетово.
Шкендија во првото коло од квалификациите за Конференциската лига ќе се соочи со велшкиот претставник ТНС, првиот натпревар се игра на 8 јули во Велс, а реваншот е закажан за 15 јули во Скопје.