Во натпреварот кој привлекуваше најголемо внимание од бараж дуелите за место во Втората лига победа славеше Шкендија Арачинов која во Кавадарци го совлада Осогово со 1-2.
Натпреварот се играше пред голема бројка на гледачи од трибините, а Шкендија ја имаше иницијативата од самиот старт.
Со таква игра по еден корнер и игра со рака на дефанзивецот на Осогово дојдоа до пенал кој во гол го претвори Александар Ѓорѓиески.
Замина клубот од Арачиново со водство и на паузата. Во вториот дел Осогово тргна по израмнување и успеа да дојде во 51. минута преку Симоновски, сепак набрзо црвено-црните со погодкот на Бурак Илјази го вратија водството кое го задржаа и до крајот за место во Втората лига.
На останатите две средби Слога Виница на тренинг центарот „Петар Милошевски“ беше подобра од Преспа со 0-3, додека Тетекс си дозволи да испушти водство од 0-2 против Горно Коњари во Ѓорче. Натпреварот во регуларниот дел заврши 2-2, па патникот во второлигашкото друштво од оваа средба се решаваше на пенали, каде што тетовскиот тим сепак беше подобар.