„Скај Спортс“, тври дека во наредните денови Антонио Конте ќе го преземе кормилото на Интер од Лучијано Спалети кој некако успеа да заврши со тимот на четвртото место и да се пласира во Лигата на шампионите.
Но, Интер е само еден од гигантите кои ќе добие нов тренер.
Алегри и Јувентус веќе официјално се разделија, но се уште е нејасно кој ќе биде неговиот наследник. Се шпекулира за преговори со Гвардиола, а има гласини и за Сари, раководството на шампионот исто така во наредните денови треба да го промовира новиот тренер.
Милан не успеа да се пласира во Лигата на шампионите иако во еден период од сезоната беше во идеална позиција, но лошата форма ги исфрли од топ четири, а синоќа не ги посака среќата да се вратат на посакуваните позиции. Раководството на „росонерите“ исто така се очекува конечно да му даде отказ на Гатузо за кој многумина мислат дека не е тренер од највисок ранг.
Синоќа Клаудио Раниери се збогува со фановите на Рома. Раководството на „Волчицата“ трпеше многу критики од навивачите оваа сезона, а промените во тимот треба да почнат со назначување на нов тренер.
Во италијанските медиуми се појавија шпекулации и за тренерска смена во Лацио. Има вести дека Симоне Инзаги би можел да го промени клубот, но директорот Игли Таре ги отфрли таквите гласини. Сепак останува да видиме дали и во другиот дел од Рим ќе има тренерска промена.
Јувентус, Интер, Милан, Рома, а можеби и Лацио новата сезона ќе ја почнат со нови тренери, а кои ќе бидат тие наскоро ќе дознаеме.