Македонскиот репрезентативец Никола Серафимов и неговиот Левски Софија обезбедија европска есен по пласманот во третото коло од квалификациите за Лигата на шампионите.
Бугарскиот шампион вечерва одигра 2-2 против Универзитет Крајова, резултат кој беше доволен за продолжување понатаму благодарение на победата од 1-0 во првиот натпревар.
Со овој успех Левски си гарантира настап во групната фаза на едно од европските натпреварувања, дури и во случај да не успее да ги мине следните квалификациски пречки.
Составот од Софија имаше одличен почеток и поведе со 2-0, но во продолжението му дозволи на романскиот тим да се врати во игра и да стигне до израмнување. Сепак, тоа не беше доволно за Универзитет Крајова да го елиминира противникот.
Серафимов го започна натпреварот како стартер и на теренот помина едно полувреме во кое заработи жолт картон.