Вејн Руни вели дека Мохамед Салах претерал со последните коментари, па напаѓачот заслужува да не биде дел од тимот на Ливерпул на последниот натпревар од сезоната во Премиерлигата.
Мохамед Салах имаше турбулентна сезона, веќе еднаш ја „спука“ со тренерот Арне Слот и беше блиску до заминување од Енфилд во зимскиот преоден рок.
Сега кога е јасно дека напаѓачот ќе го напушти клубот по крајот на сезоната, излезе со нови отровни стрели кон тренерот.
„Сакам да го видам Ливерпул повторно како оној „хеви метал“ напаѓачки тим од кој противниците стравуваа, сакам да видам како тимот повторно освојува трофеи. Тоа е фудбалот што сакам да го играм, и тоа е идентитетот што мора повторно да се врати и засекогаш да се задржи“ – порача Мо Салах по поразот од Астон Вила.
Овие коментари не му се допаднаа на Вејн Руни, кој смета дека Мохамед Салах претерал.
„Видете, Арне Слот е тренерот на Ливерпул и не можете вака јавно да покажете дека не му верувате. Ова е исто како да фрлил бомба во соблекувалната, Слот е ставен под притисок, а во непријатна ситуација се ставени и играчите кои ќе останат во клубот“.
„Според мене, постапи себично, и ова го прави по втор пат, што е малку тажно“.
„Доколку сум на местото на Слот, не би го пуштил на стадион! Ќе му кажам, „Не смееш да се доближиш до тимот, не ме интересира дали ти се допаѓа или не ова!“ Но не верувам дека Слот ќе го стори ова“.