„Кралевите“ се
уште се во потрага на нов тренер откако Зинедин Зидан на големо изненадување си
поднесе оставка. Маурисио Покетино беше идентификуван како прва желба, но Реал
се откажа поради комплексните и тешки преговори со Тотенхем, или поточно првиот
човек Даниел Леви.
Јирген Клоп исто така беше споменат како сериозна опција, но и Германецот е
недопирлив и Ливерпул не помислува да се раздели со стратегот. Масимо Алегри, Антонио
Конте и Арсен Венгер беа дел од шекулациите на медиумите, а како алтернатива
во последно време се почесто се споменува и името на Гути.
Според пишувањата
на Диарио Гол, доколку поранешниот играч на Реал седне на тренерското столче,
ќе има голема чистка на Сантијаго Бернабеу, а „клоца“ ќе добијат Кристијано
Роналдо и уште неколку ѕвезди.
Според оваа
сторија, Гути смета дека циклусот на ЦР7 во Реал е на самиот крај и една од
неопходните промени на тимот е негово заминување. Тој не сака лидер на екипата
да биде фудбалер кој треба да одмара многу често. Изборот на Гути за нова прва
ѕвезда е Марко Асенсио, за кого верува дека има материјал да биде следниот освојувач
на „Златната Топка“.
Гути нема да
смета и на Карим Бензема, за кого во едно интервју рече: „доколку го свират
Бензема на Бернабеу тогаш сигурно има причина за ова“.
Шпанецот исто
така мисли дека одбројани се и деновите на Лука Модриќ, и потребно е што
поскоро да се донесе замена за Хрватот кој ќе наполни 33 години во септември и во
иднина нема да може да напаѓа и да помага во одбраната на секој натпревар.
Во плановите на
Гути нема место ниту за Рафел Варан, кој знае да одигра еден натпревар добро,
но да биде лош на следните три и да направи грешка во клучен момент. Тој не
планира да му даде нови шанси за докажување на Французинот и доколку пристигне
примамлива понуда, без двоумење ќе го продаде.
Под знак
прашалник ќе биде ставена и иднината на Марсело, Навас и Бејл. Гути ќе бара
замена за Бразилецот и веднаш штом пристигне нов играч, левиот бек ќе се пресели
на клупата. Истото важи за Навас, Гути преферира ангажман на Давид де Хеа и
Тибо Куртоа. Што се однесува пак до Герет Бејл, Реал е подготвен да го продаде
доколку пристигне добра понуда, но доколку тоа не се случи, Гути верува дека
може да го извади најдоброто од Велшанецот и да му ја врати кариерата на прав
пат.
Колку е
остварливо едно вакво сценарио останува да се види. Диарио гол е медиум познат
по сензационални вести кои треба да се земат со голема доза на резерва.