Клаудио Раниери вели дека „волчицата“ веќе го одбрала новиот тренер, но тој нема намера да го открие името, го крие дури и од неговиот роден брат.
Рома е во потрага на нов предводник и изминатиов период имаше многу гласини, со клупата на „волчицата“ се поврзуваа неколку звучни имиња како Макс Алегри, Маурицио Сари, па дури и Јирген Клоп.
Клаудио Раниери, кој ќе се повлече од кормилото по крајот на сезоната, сега вели дека новиот тренер е одбран.
„Секако дека веќе се знае кој ќе биде новиот тренер, но се зависи од претседателот и кога тој ќе одлучи да го соопшти името“ – вели искусниот стратег.
„Јас не можам ништо да ви кажам. Дури и мојот брат ми се јави и ме праша, „Ајде кажи ми, сите сакаат да дознаат!“ Јас му кажав, „Токму затоа не ти откривам, за да не излезе во јавност““.
„Дури и на Вендети (еден од најпопуларните пејачи во Италија и хард-кор навивач на Рома, автор на химната на клубот) му реков дека треба да чека до 1. јули за да дознае кој ќе биде новиот тренер“.