Шведска во саботата со 0-1 славеше на гостувањето во Коња, резултат кој значеше дека Турција се сели во ранг подолу во Лига на нации. Единствениот гол го постигна Гранквист од пенал во 71. минута од мечот.
Но голема прашина крена изјавата на Маркус Берг врз кого беше направен прекршокот за најстрога казна. Напаѓачот открива дека на полувремето разговарал со судијата, му замерил за тоа што не му досудил пенал во првиот дел, па добил ветување за два пенали во продолжението од мечот.
„На полувреме разговарав со судијата, поротестирав за прекршокот кој беше направен врз мене а тој не го досуди. Му кажав какво е моето мислење за ситуацијата а тој ми рече: „Ќе ги прегледам повторените снимки и доколку сум погрешил, ќе ти досудам два пенали во второто полувреме“. Добивме само еден пенал, но победивме па немам примедба“ – вели напаѓачот и ја разбранува јавноста.
Фудбалската федерација на Турција веќе размислува да достави жалба до УЕФА.