Реал Мадрид очигледно не сака на никаков начин да биде вмешан во случајот на ЦР7 и обвинувањата дека силувал девојка во 2009, па „Кралевите“ веднаш поднесоа тужба.
Кристијано Роналдо во 2010 вон судски се спогодил со девојка oд САД и и платил 375.000 за да молчи. Сепак, Катрин Мајорга сега сака да го раскине овој договор за тајност, и веќе поднесе тужба за фудбалерот пред судот во Невада, а полицијата од Лас Вегас повторно го отвори случајот.
Португалецот постојано инсистира дека не сторил ништо погрешно, и „Корејо де Мања“ вчера откри дека еден од аргументите на играчот ќе биде дека Реал Мадрид го притискал да потпише договор и да и плати на Американката со цел да не се наруши угледот и репутацијата на клубот во период кога тие го купија Кристијано Роналдо за тогашни рекордни 80 милиони фунти.
Весникот пренесе дека адвокатите на Реал Мадрид и оние на Кристиајно Роналдо се сретнале во неколку наврати за да „сковаат“ стратегија како да му пристапат на случајот. Договорот кој бил направен во 2010 бил спротивен на волјата на ЦР7, кој не сакал да плати ништо бидејќи сметал дека е невин.
Ваквата сторија сепак не им се допадна на „Кралевите“ кои попладнево открија дека поднеле тужба. Од таборот на Реал велат дека не биле запознаени со случувањата, па и да сакале не можеле да извршат притисок.
„Реал Мадрид може да соопшти дека е покрената правна постапка против португалскиот весник „Корејо де Мања“ поради објава на лажни информации со кои се прави сериозна штета на имиџот на клубот“ – гласи известувањето.
„Реал Мадрид не е запознаен со информациите кои весникот ги објави во врска со играчот Кристиајно Роналдо, па не е можно да сме превземале акција за работи кои не ги знаеме“.