Натпреварот помеѓу Јувентус и Наполи не се одигра, гостите не допатуваа со образложение дека локалните здравствени власти не им дале дозвола откако позитивни на коронавирус биле Зелински и Елмас.
Серија А го одби барањето мечот да биде одложен, па Јувентус вечерва се појави на теренот, а откако гостите не пристигнаа по 45 минути од закажаниот термин, судијата Довери означи крај и ќе го предаде Наполи на дисциплинска комисија и се очекува „старата дама“ да добие службена победа од 3-0.
„Преферирам победа на терен, тоа е јасно. Но има правила во вакви ситуации и кaква казна треба да добие тимот што нема да се појави. Утре дисциплинската комисија ќе донесе одлука“ – вели првиот човек на Јувентус, Андреа Ањели.
За тоа што Наполи не допатува во Торино, тој вели: „Има протоколи кои се многу јасни, за очекување беше ваква ситуација, дека ќе има еден или двајца фудбалери заразени со ковид-19 пред натпревар. Кога тоа ќе се случи, го применуваме протоколот договорен со техничко-научниот комитет, одиме во карантин во тренинг центарот, се прават нови тестови, и оние кои се негативни продолжуваат да тренираат и да играат“.
„Јувентус имаше двајца позитивни на коронавирус, па веднаш го применивме протоколот, влеговме во „меур“ за да можеме да играме вечерва“.
Запрашан дали разговарал со првиот човек на Наполи, тој додава: „Разменивме пораки со Аурелио Де Лаурентис, бараше да го одложиме мечот. Можеби бара со право, но имаме правила и протоколи до кои треба да се придржуваме“.
„Изминативе неколку недели се играа натпревари и покрај тоа што имаше позитивни на коронавирuс, екипи играа дома но и во гости“.