Познати финалистите во младинскиот Куп на Македонија

by 24 фудбал
1 минути читање

Комплетирани се полуфиналните натпревари во Купот на Македонија во младинските конкуренции и познати се тимовите кои ќе се борат за трофеите.

Кај младинците во решавачкиот дуел за пехарот ќе се соочат АП Брера и Шкупи. Струмичани во полуфиналето на домашен терен триумфираа со 8:0 во мечот против Пелистер. Троен стрелец беше Иван Танчев, два пати противничката мрежа ја погоди Глигор Бучков, а по една прецизни беа Иван Шириќ. Христијан Крстев и Стефан Војчески.

Далеку понеизвесно беше во мечот меѓу Шкупи и Вардар во кој составот од Чаир славеше со 3:2 и тоа со гол во последната минута од натпреварот.

Шкупи поведе во седмата минута со голот на Судејс Чајани, а на 2:0 зголеми Шкељќим Ферати.

Во второто полувреме Вардар намали со погодокот на Никола Ристевски во 65. минута, а само четири минути подоцна Иво Марковски израмни на 2:2.

Победата на Шкупи му ја донесе Иљир Џони во 90. минута од средбата.

Во кадетска конкуренција, место во финалето обезбедија Вардар и Пелистер.

Вардар во Скопје ја совлада АП Брера со 4:1. Гостите од Струмица поведоа со голот на Филип Кулески, а во 31. израмни Невзат Асани.

Во второто полувреме “црвено-црните” постигнаа уште три погодоци. По четири минути игра во продолжението Лука Георгиоски му носи предност на Вардар од 2:1, а потоа Асани во 61. зголеми на 3:1.

Конечниот резултат го постави Коста Бошковски со голот во 84. минута.

Пелистер во Скопје го елиминираше Њу Старс по победата од 2:0, а стрелци на головите беа Мартин Талевски во 64. и Јован Мрмачовски во 90. минута.

Термините за одигрување на финалните натпревари дополнително ќе бидат одредени.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×