По поразот од Летонија, македонската селекција до 19 години која важеше за една од нашите најталентирани генерации денеска загуби и од Унгарија. Потајно се надевавме дека на свој терен можеме да одиме и на првото место и пласман на Европското првенство, но веројатно ќе завршиме на дното со оглед на тоа што ни останува уште меч со најсилната, Англија.
Македонија и Унгарија одиграа возбудлив меч со пресврти по кој се радуваа Унгарците, а ние останува повторно да жалиме.
Унгарија одлично го отвори мечот, со гол на Мочи уште во четвртата минута од мечот. Осум минути подоцна Колевски изедначи со глава, но во 36. Шон го врати водството на гостите.
Пред самиот крај на првото полувреме Митровски дочека една одбиена топка и од далечина биеше за изедначување на 2-2, а Колевски во 64. минута постигна прекрасен гол за комплетен пресврт и водство на Македонија од 3-2.
За жал нашата предност кратко траеше, три минути подоцна Лустик од пенал го изедначи резултатот на 3-3, а на десет минути пред крајот Беварди реализираше за победа на Унгарија од 4-3.
Во вториот денешен натпревар Англија со убедливи 3-0 ја совлада Летонија.
По две одиграни средби Англија е прва со максимални шест бода, Унгарија и Летонија имаат по три, Македонија е последна без бодови.
Следниот меч на нашата репрезентација е во вторник против Англија која веќе го обезбеди првото место во групата кое значи учество на Европското првенство.