Зинедин Зидан повторно ќе соработува со својот поранешен репрезентативен соиграч Фабиен Бартез. Легендарниот француски голман е назначен за нов тренер на голманите во националниот тим на Франција.
Зидан и Бартез заедно испишуваа историјата на францускиот фудбал. Тие беа дел од генерацијата која ја освои светската титула во 1998 година, а две години подоцна триумфираше и на Европското првенство.
Бартез за Франција одигра 87 натпревари, а последниот настап го имаше во финалето на Мундијалот во 2006 година против Италија. Тоа финале остана запаметено и по исклучувањето на Зидан, кој во продолженијата со глава го удри италијанскиот дефанзивец Марко Матераци.
Во клупската кариера, 55-годишниот Бартез бранеше за Тулуз, Олимпик Марсеј, Монако и Манчестер јунајтед.
Покрај Бартез, Зидан во стручниот штаб го ангажираше и Давид Бетони. Тој веќе соработуваше со Зидан во Реал Мадрид, период во кој „кралскиот клуб“ освои три последователни титули во Лигата на шампионите, од 2016 до 2018 година.
Зидан својот прв натпревар како селектор на Франција ќе го има на 25 септември, кога „триколорите“ ќе гостуваат во Турција во рамките на Лигата на нациите. Само три дена подоцна Франција ќе се соочи и со Белгија.