Данецот е едно од имињата на листата со желби на Зинедин Зидан и Реал Мадрид за засилување на составот и реконструкцијата која се планира за летоска.
Денешното издание на АС пренесе дека Реал Мадрид има вербален договор со Кристијан Ериксен за тој да го облече дресот на „кралевите“. Весникот не открива детали, но вели дека играчот ќе добие значително поголема плата од таа која ја има во моментов.
Иако половина работа е завршена, сега останува оној потешкиот дел, Реал Мадрид ќе треба да пронајде заеднички јазик со Тотнем, и се очекува преговорите да бидат комплексни. „Спарси“ во 2012 му го продадоа Лука Модриќ на Реал по долго натегање, зделката се комплетираше на 27. август. Исто беше и при трансферот на Герет Бејл, кој потпиша за Реал на 31. август 2013 година.
Реал последен пат тропна на вратата на клубот од Лондон минатото лето кога сакаше да го ангажира Маурисио Покетино како наследник на Зинедин Зидан, но првиот човек на Тотнем, Даниел Леви не сакаше да слушне за разделба со стратегот.
АС исто така додава дека „спарси“ порачале дека Кристијан Ериксен вреди 250 милиони евра кога Реал Мадрид се распрашувал за ситуацијата на играчот кон крајот на 2018, а пред неколку месеци оваа сума се намалила на 150 милиони евра.
Со оглед на тоа дека Данецот е под договор до 2020 и нема абер за продолжување на соработката, Флорентино Перез е оптимист дека цената на фудбалерот од средниот ред дополнително ќе се намали во следните месеци.