Пандев: Интер ми понуди договор и директорско место

by
1 минути читање

Во интервју за „Скај Спорт Италија“, Горан Пандев ги потврди шпекулациите дека во зимскиот преоден рок за него интерес имало од Интер.

Пандев добил понуда од Интер за шестмесечен договор со можност по крајот на кариерата да остане на директорска позиција. Но тој одбил бидејќи не сакал да ја остави Џенова во период кога се бори за опстанок во Серија А.

„Пјеро Аузилио ми се јави, ми понуди договор до крајот на сезоната со можност да бидам директор во Интер потоа. Го прашав дали се шегува и на шега му реков зошто ми се јавува мене, зошто не побара некој помлад играч“, вели Пандев за „Скај Спорт Италија“.

„Потоа зборував со Ѕарбано (извршниот директор на Џенова). Тој ми рече, „Горан не сакам да зборуваме за тоа“. Факт е дека немаше да биде убаво да заминам кога Џенова се бори за опстанок“.

„За мене Интер е се, тоа е клубот кој ме донесе во Италија и ми го промени животот“.

Пандев и не планира да ја заврши кариерата по крајот на оваа сезона. Коронавирусот го тера да одигра уште една бидејќи сака да се прости од фудбалот со настап на Европско првенство.

„Би сакал да продолжам уште една година бидејќи мојот сон е да завршам со настап на Европско првенство а тоа се одложи за следната година поради трагичните настани со коронавирусот кој променија се. Се надевам дека наскоро ќе се вратиме во нормала“.

Горан Пандев открива и дека нема намера да биде тренер по крајот на кариерата, но може да прифати директорска функција.

„Не сакам да бидам тренер, би можел да бидам директор или да работам со моите агенти“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани