Јирген Клоп ќе седне на клупата на репрезентација, откако повеќе германски медиуми објавија дека преговорите со Германската фудбалска федерација се во напредна фаза.
Според информациите на новинарот на „Скај“, Флоријан Платенберг, поранешниот менаџер на Ливерпул ќе потпише договор до 2030 година, што значи дека ќе ја предводи Германија и на Светското првенство кое ќе се игра во Шпанија, Португалија и Мароко. Платенберг додава дека ангажманот на Клоп во фудбалската програма на Ред Бул нема да претставува пречка за преземањето на националниот тим.
Во меѓувреме, „Билд“ објави дека претседателот на Германската фудбалска федерација, Бернд Нојендорф, отпатувал во Њујорк заедно со своите соработници, каде што во петок и сабота треба да се одржат завршните разговори со Клоп.
Според истиот извор, Клоп ќе заработува седум милиони евра годишно, што е повеќе од платата на актуелниот селектор Јулијан Нагелсман. Во неговиот стручен штаб ќе бидат и долгогодишните соработници Питер Кравиц и Пепин Лајндерс.