Златко Далиќ веќе не е селектор на фудбалската репрезентација на Хрватска. По елиминацијата од Светското првенство, тој одлучи да го заврши својот мандат на клупата на националниот тим кој го водеше од октомври 2017 година.
Хрватска настапот на Мундијалот во САД го заврши во осминафиналето каде што беше поразена од Португалија со 2:1.
Хрватскиот фудбалски сојуз потврди дека Далиќ нема да ја продолжи соработката, испраќајќи емотивна порака за неговото заминување.
„Скромно пристигна и имаше незаборавно патување. По речиси девет години, селекторот Златко Далиќ одлучи да ја заврши својата исклучително успешна ера на чело на Хрватска. Благодарност за сите победи, големи успеси, пласмани, освоени медали, заедништвото и достоинственото претставување на Хрватска на теренот и надвор од него. Твоите резултати зборуваат за твојата тренерска големина, а почитта од играчите, стручниот штаб и противниците за твоите човечки квалитети“, соопштија од ХНС.
Далиќ ја презеде репрезентацијата на Хрватска во завршницата од квалификациите за Светското првенство во 2018 година, кога на селекторската функција го наследи Анте Чачиќ во исклучително тежок период. Успеа да ја одведе репрезентацијата на Мундијалот во Русија, каде што веднаш испиша историја освојувајќи го сребрениот медал.
За време на неговиот мандат Хрватска го освои и бронзениот медал на Светското првенство во Катар во 2022 година, а во 2023 година стигна и до финалето на Лигата на нации. Благодарение на овие резултати, Далиќ ќе остане запаметен како најуспешниот селектор во историјата на хрватската репрезентација.