Јунајтед минатата недела се договори со Свонси за ангажман на Даниел Џејмс, а тој денеска откако ги помина медицинските тестови стави потпис на договорот.
Трансферот на 21-годишниот Џејмс го чини Манчестер јунајтед 15 милиони фунти, плус 3 милиони фунти во бонуси. Тој е првото засилување откако Оле Гунар Солскјер стана тренер на тимот.
„Даниел е возбудливо младо крило полно со вештини, визија, исклучителна брзина и добра работна етика“, изјави Солскјер.
„Тој имаше добра сезона со Свонси и ги има сите атрибути потребни за да стане играч на Манчестер јунајтед. Среќни сме што тој е во нашиот клуб“.
Џејмс вели дека ова е еден од неговите најдобри денови во животот.
„Ова е еден од најдобрите денови во мојот живот и предизвик кој едвај чекам да почнам. Премиерлигата е најдобрата лига во светот и Манчестер јунајтед е перфектно место за мене да продолжам да се развивам како фудбалер“, вели Џејмс.