Новица и Богдан купиле автомобил и поминале 5.800 километри за 24 дена за да го гледаат Партизан

by Стефан
1 минути читање

Двајца големи навивачи на Партизан, Новица и Богдан, ќе го паметат уште долго гостувањето на „црно-белите“ кај Тобол во Казахстан. Тие со автомобил поминаа неверојатни 5.800 километри од Белград, патувајќи цели 24 дена, за да стигнат навреме и од трибините да го бодрат својот тим во победата од 2-1.

„Поминавме 5.800 километри и одевме постепено. Тргнавме на 19 јули, а патувањето траеше 24 дена. Уживавме додека стигнавме до Казахстан, а натпреварот беше круна на целото патување“, раскажа Новица, кој не го криеше задоволството што мисијата завршила со победа на Партизан.

За оваа авантура двајцата дури купиле автомобил, кој по патот им станал особено драг. Богдан откри дека возилото имало само еден помал проблем.

„Немавме многу проблеми. Еднаш пукна црево, но го решивме дефектот за околу еден час. Интересно е што автомобилот го купивме специјално за ова патување. Размислувавме да го оставиме во Казахстан, но сега толку ни се допадна што ќе се вратиме со него“, вели Богдан.

Патувањето не минало без предизвици, особено на бројните граници, но двајцата велат дека во најголем дел наишле на гостопримство и помош.

„Сите народи беа братски настроени. На граничните премини имаше сè и сешто, но луѓето главно ни излегуваа во пресрет“, раскажаа Новица и Богдан.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×