Реал Мадрид за седум дена ја заврши сезоната и тоа по три порази на Сантијаго Бернабеу. Вечерва доживеа елиминација и во Лигата на шампионите, а натпреварот го почна со предност од 2-1.
Ајакс одигра маестрален меч и буквално го тресна од земја немоќниот Реал Мадрид кој три пати по ред ја освојуваше титулата во Лигата на шампионите. Главен играч на мечот беше Душан Тадиќ со две асистенции и еден гол.
Резултатот беше отворен уште во седмата минута кога по асистенција од Тадиќ, Зијеч даде гол за водство на Ајакс од 1-0. Во тие моменти Реал Мадрид се уште имаше предност.
Но таа ја снема десет минути подоцна, кога по нова асистенција од Тадиќ, Нерес даде гол за водство на Ајакс од 2-0.
По 15. минути игра во вториот дел, Тадиќ постигна фантастичен гол за 3-0 и тука веќе беше се јасно. Погодокот на Србинот предизвика и голема полемика, ВАР долго го прегледуваше и на крајот не се промени одлуката. Дилемата беше дали при акцијата за гол топката ја мина аут линијата.
Во 70. минута Асенсио даде гол и за миг донесе надеж кај навивачите на Реал Мадрид дека може да се избегне брука, но само две минути подоцна Шене постигна фантастичен погодок за конечна победа на Ајакс од 4-1.
Во судиското продолжение Начо успеа за ист случај да добие два жолти картони. Еден за груб старт, друг за физичка конфронтација со играч на Ајакс. Реал Мадрид мечот го заврши со играч помалку.
На крајот Ајакс сосема заслужено се радува на огромниот успех, Реал Мадрид е во тешка криза, најголема во последниот период.
Во вториот осминафинален меч денеска, Тотнем отпатува во Дортмунд со предност од 3-0, а таму Кејн даде уште еден гол со што го завери пласманот во четвртфиналето од Лигата на шампионите.