Наполи влезе како голем фаворит против Специја, но наместо да ги освои трите бода како што се очекуваше, загуби на свој терен.
Елмас во игра влезе во 76. минута, имаше шанси да постигне гол, но и тој се вклопи во сивилото на неговите соиграчи.
Наполитанците доминираа во првото полувреме, имаа повеќе добри шанси, но не ги искористија. Резултатот го отворија во 58. минута со гол на Петања кој погоди пет минути подоцна откако влезе.
Се чинеше дека кога веќе го скришија отпорот на противникот ќе следува полесен период, но напротив. Специја изедначи со гол на Нзола во 68. минута од пенал.
Во 77. минута Исмајили доби втор жолт картон, гостите останаа со играч помалку и му ги зголемија шансите на Наполи за победа.
Но тие наместо да го искористат тоа, примија уште еден гол, во 82. минута Побега најдобро се снајде пред голот на Наполи и погоди за победа на Специја од 2-1.