Страстите по вчерашното „Ел Класико“, во кое Реал Мадрид ја совлада Барселона со 2:1, сè уште не стивнуваат, а во центарот на вниманието е ѕвездата на Каталонците Ламин Јамал.
Имено, Јамал вчера влезе во отворена вербална расправија со фудбалерите на Реал веднаш по последниот судиски свиреж, а тензиите продолжија и денеска преку активностите на социјалните мрежи.
Младиот фудбалер решил да го „отследи“ својот соиграч од шпанската репрезентација, Дани Карвахал, со кого вчера имаше најжесток дуел.
Карвахал по натпреварот му се обрати на Јамал, порачајќи му „да зборува помалку“, алудирајќи на изјавите на тинејџерот пред дербито, кога тој тврдеше дека Реал има судиска помош. Јамал, пак, му одговорил дека за тие теми можат да разговараат во тунелот на стадионот „Сантијаго Бернабеу“.
Во меѓувреме, Јамал го отстранил Карвахал од листата на профили што ги следи на Инстаграм, па дефанзивецот на Реал повеќе не е меѓу 422-цата корисници што ги следи талентираниот фудбалер.

Целата ситуација внимателно ја следат шпанските медиуми, кои сега ја доведуваат во прашање и атмосферата во репрезентацијата, имајќи предвид дека се заладуваат односите меѓу фудбалерите на Реал и Барселона.