Јувентус требаше да го пречека Наполи во 3. коло, но мечот не се одигра откако гостите не се појавија на теренот со образложение дека имаат забрана од локалните здравствени власти по позитивните тестови на ковид-19 на Зелински и Елмас.
Во прв момент „старата дама“ го доби мечот на зелена маса со службени 3-0, но Наполи по неколку жалби успеа да се избори за поништување на оваа одлука.
Нов датум за мечот не е одреден и по елиминацијата на Наполи од Лига Европа, беше споменат 17. март, како прв и во овој момент единствен слободен термин.
Но првиот човек на „наполитанците“, Аурелио Де Лаурентис побарал друг термин. Ил Матино пренесе дека од таборот на Наполи официјално побарале мечот да не се игра на 17. март.
Клубот на нашиот Елиф Елмас не сака да игра три дерби пресметки во 7 дена и тоа сите на гости. Наполи на 14. март треба да игра на Сан Сиро против Милан а на 21. март на Олимпико против Рома. Доколку треба да одигра и дуел со Јувентус во Торино на 17. март, тоа ќе биде пеколен распоред за избраниците на Џенаро Гатузо.