Германскиот тренер добиваше големи критики во текот на вториот дел од сезоната и тие беа сосема оправдани. Беше елиминиран од Манчестер јунајтед во ЛШ и покрај победата на Олд Трафорд, загуби во финалето од францускиот куп и имаше лош финиш на сезоната во Лига 1 и покрај тоа што рано ја завери титулата.
Се шпекулираше дека не е во добри односи и со дел од фудбалерите, меѓу кои и Нејмар. Утринава се пишуваше дека Алегри или Мурињо ќе дојдат на негово место, но брзо стигна демант за тоа. Тухел потпиша нов договор со ПСЖ.
„ПСЖ со задоволство сака да соопшти дека го продолжи договорот со Томас Тухел за уште една дополнителна сезона. Германскиот тренер потпиша до 30 јуни 2021 година“, стои во соопштението на клубот.
„Среќен сум што го продолжив мојот договор и верноста кон ПСЖ. Сакам да му се заблагодарам претседателот и на сите во клубот за довербата која ја покажаа во мене и мојот стручен штаб. Исто така сум многу трогнат од поддршката која ја добивам од навивачите, сигурен сум дека најдоброто допрва доаѓа за нашиот клуб“, изјави Тухел по потпишувањето на договорот.