Познато е дека
Премиерлигата има еден особено тежок „преговарач“ за продажба на фудбалери, но
и купување, тоа е Даниел Леви од Тотнем, меѓутоа директорката на Челси, Марина
Грановскаја извесен период веќе посебно се истакнува со своите потези во
клубот.
Челси беше мошне
активен на трансфер пазарот во пресрет на новата сезона, и на крајот доведе
неколку звучни имиња во својот состав, заслугите секако одат на сметка на
Грановскаја, за која сега медиумите пишуваат каква улога одиграла
во случајот со Калум Хадсон-Одои.
Познато е дека
германскиот шампион Баерн Минхен подолг период пријавуваше сериозен интерес за
19 годишниот Англичанец, или поточно, „Баварците“ сакаа да го искористат
моментот што младинскиот репрезентативец на „Гордиот албион“ за момент не дојде
до израз под кормилот на Франк Лампард.
Како и да е, нема
дилеми во тоа дека Хадсон-Оди располага со голем потенцијал, па веќе кога е
така, сигурно во Челси не се толку наивни туку-така да се ослободат од
фудбалерот кој има договор до 2024. година, а најмалку наивна е Грановскаја
која имала максимални барања во преговорите со Баерн Минхен, за на крајот да ја оствари својата цел.
Според пишувањата
на „Билд“, Грановскаја добила неколку телефонски повици од челниците на Баерн
Минхен, а дека постоела некаква можност за трансфер на Хадсон-Одои, доволно
говорат и информациите дека првата оперативка на Челси имала и „тактички игри“
со клубот од Минхен.
Од Челси побарале
неколку клучни, а воедно и богати клаузули во договорот со Баерн Минхен доколку нивниот фудбалер
се пресели во таа екипа како позајмен, вклучувајќи и пенали доколку не одигра
доволно натпревари во предвидениот период.
Клубот од Лондон
истовремено побарал од Баерн Минхен обврска да го купи крилниот напаѓач за 70
милиони фунти доколку ја реализира предвидената бројка на одиграни натпревари,
па така од една страна Германците се соочиле со можни пенали доколку
Хадсон-Одои не ја заокружи предвидената бројка на одиграни натпревари, а од
друга страна би морале да искешираат цели 70 милиони фунти доколку се реализира
таа ставка од договорот.
На крајот,
Хадсон-Одои остана во Челси, што сигурно е од полза и за Франк Лампард, кој
веќе во два меча во серија стартуваше со младиот крилен напаѓач со кого клубот повеќе од
сигурно е дека не сака да се раздели.