Република Ирска ја надигра Македонија во првиот квалификациски меч за Европското првенство за фудбалери до 17 години. Нашата репрезентација долго време одолеваше на нападите на посилниот противник кој за 12 минути во средината на второто полувреме ни даде три гола и дојде до убедливиот триумф.
Резултатот беше отворен во 57. минута, Јонузи направи прекршок во нашиот шеснаесетник над Рајт, судијата покажа пенал кој го реализираше Ајда за водство на Ирска од 1-0. Само пет минути подоцна Бренан реализираше за 2-0, а точка на натпреварот стави Рајт во 69. минута од мечот.
Во вториот натпревар од нашата група, домаќинот Полска одигра 2-2 против селекцијата на Грузија.
Првата селекција од групата оди на Европското првенство, но најверојатно и втората бидејќи само една второпласирана од осумте групи ќе испадне во квалификациите.
Следниот предизвик на македонските надежи до 17 години е селекцијата на домаќинот Полска со која играме во сабота од 17:30 часот.