Легендата на „крлевите“, Предраг Мијатовиќ вели дека летоска треба да бидат донесени тешки одлуки и смета дека мора да се продаде еден од Винисиус Жуниор или Килијан Мбапе.
Реал Мадрид втора година по ред нема да освои трофеј, па тоа донесе одредени тензии, кои кулминираа со тепачката помеѓу Феде Валверде и Орелиан Чуамени.
Критики доби и претседателот Флорентино Перез, кој реши да распише избори и да ги предизвика оние кои сметаат дека тој не ја врши добро работата.
Ќе пристигне и нов тренер, па Предраг Мијатовиќ даде свое видување за целата ситуација, а тој прстот го впери кон фудбалерите.
„Јас сум голем фан на Мурињо… но секогаш сум велел дека не е проблем тренерот, туку самите играчи“ – вели легендата на Реал Мадрид.
„По две години без трофеј, време е за тешки одлуки. Мора да се направат промени, да им се заблагодариме на некои играчи и да се отвори простор за нови“.
„Ова лето Реал мора сериозно да го реконструира тимот. Веројатно треба да размислиме и за продажба на некои играчи кои денес се идоли. Клуб како Реал е под постојан притисок да победува и затоа се потребни промени“.
Запрашан дали би продал еден од Винисиус Жуниор или Мбапе, тој нема дилема.
„Искрено, мислам дека Реал треба сериозно да размисли за продажба на еден од нив двајца“.
„Одлуката треба да се донесе заедно со новиот тренер, но да се преправаме дека се е во ред и да ги задржиме двајцата е голема грешка. Фудбалот е тежок токму поради вакви одлуки. Ќе има критики, можеби и грешки, но ако ништо не промениш – ништо нема ни да се подобри“.