Антони Марсијал
го загуби местото во стартниот тим во вториот дел од минатата сезона откако пристигна
Алексис Санчез, а во новата сезона конкуренцијата би можела да биде уште поголема бидејќи
„Ѓаволите“ се поврзуваат со ангажман на Герет Бејл и Марко Арнаутовиќ.
Земајќи го ова во
предвид, како и тоа што двете страни не можат да пронајдат заеднички јазик за продолжување на соработката,
агентот на Французинот синоќа соопшти дека тие донеле одлука да го напуштат Олд
Трафорд.
„Кога Манчестер
јунајтед, најмоќниот клуб во светот, не може да најде договор по осум месеци
преговори, тоа е така бидејќи тие очигледно немаат вистинска желба да го
направат Антони важен дел од тимот” – истакна Филип Ламболеј. „Па поради ова, решивме дека најдобро е
Марсијал да замине. Добро размисливме за оваа одлука и во предвид ги зедовме
сите опции“.
По ваквата изјава
денеска неколку медиуми од „Островото“ објавија дека Антони Марсијал останува
во плановите на „Ѓаволите“ за следната сезона. Скај Спортс Њус и МЕН посочуваат
дека играчот има уште една година од договорот, како и опција за додатни 12
месеци.
Мирор пак вели
дека ставот на Манчестер јунајтед не е толку цврст и Жозе Мурињо ќе го продаде
Антони Марсијал под еден услов, односно доколку добие понуда од 50 милиони
фунти, сума која потоа ќе биде инвестирана да се донесе соодветна замена.
Се шпекулира дека
за услугите на Французинот интерес пројавуваат Тотенхем и Јувентус.