Вината за лошите резултати на Манчестер јунајтед по заминувањето на Фергусон многумина ја гледаат во извршниот директор Ед Вудворд. Тренерите на Јунајтед немаат вистинска поддршка кога трансферите се во прашање.
Пред крајот на трансфер пазарот, за Манчестер јунајтед потпишаа Единсон Кавани, Алекс Телеш, Факундо Пелистри и Амад Диало.
Легендата на Манчестер јунајтед и фудбалски аналитичар, Гери Невил рече дека на последниот преоден рок се гледа кои клубови работат добро, а кои не. Тој смета дека оние кои купуваат во последен момент купуваат панично колку да донесат некои нови играчи и да се оправдаат пред армијата фанови.
Прва цел на Манчестер јунајтед беше Џејдон Санчо но не успеаа да се договорат со Борусија Дортмунд, потоа го сакаа Дембеле, но не се договорија ниту со Барселона.
До вчерашниот ден го имаа купено само Ван де Бек, а преодниот рок го завршија со вкупно пет нови играчи, но дали тие се вистински засилувања.
По заминувањето на Лукаку, Манчестер јунајтед немаше шпиц во права смисла на зборот, него го најде во Единсон Кавани. Дел од фановите се скептици околу тоа како ќе се прилагоди Уругваецот на Премиерлигата поради примерот кој го имаа со Радамел Фалкао.
Алекс Телеш имаше одлична статистика во Порто во изминатите години, и покрај тоа што е дефанзивец има убави бројки на постигнати голови и асистенции. Некои велат дека тој е поголемо засилување за тимот отколку Кавани. Тој треба да му го земе местото на Лук Шо кој имаше очајна партија против Тотнем.
Манчестер јунајтед го купи крилото на Аталанта, Амад Диало кој има само 18 години но важи за еден од најголемите таленти во Италија. Овој играч на Олд Трафорд ќе пристигне во јануари.
Диало за Аталанта дебитираше со 17 години и 109 дека, постигна гол на своето деби во мечот во кој неговиот тим го растури Удинезе со 7-1. Патуваше и со составот на Аталанта во Лисабон на четвртфиналниот дуел против ПСЖ. Сепак тој има само три настапи за Аталанта во Серија А и вкупно 30 минути фудбал, главно беше замена која не влегуваше.
Сепак велат дека е огромен талент, ѕвездата на Аталанта, Папу Гомез го спореди Диало со Меси, вели дека е импресивен на тренинзите.
„Има дефанзивци во првиот тим кој едноставно не можат да го сопрат. За да го сопреме на тренинг треба да го удриме! Игра како Меси!“, изјави капитенот на Аталанта, Папу Гомез.
Последното засилување на Јунајтед во преодниот рок исто така е 18 годишен фудбалер. Се работи за Уругваецот Факундо Пелистри од Пењарол. Тој на Олд Трафорд доаѓа по препорака од Диего Форлан.
Пелистри исто така е офанзивен крилен фудбалер, за Пењарол има 30 настапи и еден постигнат гол, важи за талент, но допрва ќе се види како ќе се развива.