Фудбалската репрезентација на Македонија денеска ѝ гостува на Швајцарија во меч од четвртото коло во Лигата на нации, натпреварот се игра во Луцерн со почеток од 20:45 часот.
Денеска е последниот натпревар на Македонија од овој репрезентативен прозорец. Одигравме три меча, ги загубивме сите три, не постигнавме ниту еден гол, имавме само еден шут во рамките од голот на противникот.
Статистиката ни е очајна, а треба да ја поправаме кај лидерот во групата, селекцијата на Швајцарија која ги одигра доминантно своите натпревари во оваа фаза.
Како пред претходните натпревари, така и пред овој, изјавите од нашиот табор беа оптимистички и ветувачки. Ќе одиграме подобро, ќе го дадеме максимумот… но на теренот многу малку покажавме засега.
Швајцарија најави неколку промени во стартниот тим, Јакин ќе им даде поштеда на дел од репрезентативците врз кои падна најголемиот товар во претходните натпревари. Швајцарците ја гледаат Македонија како репрезентација против која можат да одморат дел од составот.
Можеби тука лежи нашата шанса конечно да направиме нешто повеќе и да одиграме достоинствен меч каков што одамна не сме виделе од нашите момци.
По три одиграни кола во Групата 1, Швајцарија е прва со максимални девет бода, Словенија и Шкотска имаат по четири, ние сме последни без освоен бод.
Покрај Македонија и Швајцарија, денеска во меч од нашата група играат и Шкотска и Словенија. И тој дуел почнува од 20:45 часот.