Баерн Минхен
дојде до посакуваните три бода од големото дерби на гости кај Борусија
Дортмунд, каде актуелниот првак на Германија славеше минимално со 0-1, а
конечниот исход од дербито беше поставен уште во првото полувреме.
Кимих во 43.
минута со еден мајсторски погодок вон казнениот простор на домаќините, со лоб
го надмудри Бурки за почетно водство на „Баварците“, а резултатот остана
непроменет до последниот судиски свиреж.
Како и да е, од
Борусија Дортмунд сигурно на големо ќе негодуваат поради една доста
контроверзна одлука на судиите на чело со Тобијас Стилер, се работи за еден
спорен момент од 59. минута, момент кој можеше во целост да го сврти текот на
пресметката.
Халанд имаше
убава прилика да израмни, меѓутоа неговиот обид беше блокиран со рака од страна
на Боатенг, кој го промени правецот на топката, меѓутоа, наместо удар од белата
точка, домаќините добија само корнер.
Со оваа победа
Баерн Минхен направи голем чекор кон одбраната на титулата на шест кола до
крајот на актуелната сезона, со што „Баварците“ сега имаат седум бода предност
во однос на второпласираниот Борусија Дортмунд (57).