Севиља потврди
дека постигнала договор за ангажман на поранешниот шпански селектор Хулен
Лопетеги, кој ќе седне на столчето на шпанскиот прволигаш и според договореното
помеѓу обете страни се обврзал на верност со клубот за три сезони.
Ова ќе биде
враќање на Лопетеги откако лани беше отпуштен од клупата на Реал Мадрид, кратко
откако претходно се здоби со таква судбина и на клупата на шпанскиот национален
состав.
Лопетеги немаше
резултати за пофалба на клупата на Реал Мадрид, откако реализираше само шест
победи во вкупно 14 натпревари, неговиот последен меч во убедливиот пораз на
Камп Ноу од Барселона во октомври со 5-1 ја прелеа чашата и раководството на
Кралскиот клуб одлучи да ја прекине соработката со него.
53 годишниот
тренер добиваше пофалби за своето сработено во шпанскиот национален тим,
меѓутоа со кормилото на таа селекција се раздели пред самиот старт на
последното Светско првенство за да седне на клупата на Реал Мадрид, без притоа
да ги извеси официјалните лица во шпанската фудбалска федерација за таквата
одлука, што наиде на бурни реакции во таа земја.
Што се однесува
до неговиот нов предизвик, Севиља во веќе завршената сезона во Примера заврши
на шестото место на табелата, обезбедувајќи место и учество во Лига Европа за
идната сезона.