Изминативе денови
се крена голема прашина на „островото“ откако медиумите објавија детали од
проектот „Голема слика“. Ливерпул и Манчестер јунајтед заговараат за радикални
промени во Премиерлигата, а бараат подршка од останатите клубови од „големата
шесторка“, одосно Арсенал, Тотнем, Челси и Манчестер Сити, како и од Евертон,
Саутемптон и Вест Хем.
Ливерпул и
Манчестер јунајтед сакаат да ја искористат коронавирус кризата за да протуркаат
измени со кои најсилното првенство на Англија наместо 20 ќе брои 18 клубови, ќе
нема Лига Куп и Комјунити Шилд.
Кога ќе треба да
се направи преминот од 20 на 18 клубови, од Премиерлигата ќе испаднат четири
клуба, а од Чемпионшип ќе бидат промовирани два. Во следните сезони, во понизок
ранг ќе се селат последните два на табелата, а клубот пласиран на 16-та позиција,
ќе игра плеј-оф со третиот, четвртиот и петиот од Чемпионшип. Првите два на
табелата од Чемпионшип, ќе станат дел од елитата.
Исто така, погоро
споменатите клубови ќе имаат повеќе моќ при одлучувањето, нивниот глас ќе важи
повеќе а ќе можат да стават и вето на одредени одлуки, како продажбата на ТВ
правата и распределбата на приходите од истите или одобрување на нови сопственици
на клубови.
За да се
реализира планот, тие се подготвени на ЕФЛ (телото кое е задолжено за втората,
третата и четвртата лига) да му исплатат 250 милиони фунти, сума која сега ЕФЛ
ја бара за да се пребродат проблемите кои настанаа поради пандемијата на ковид-19.
Ќе бидат
исплатени и 100 милиони фунти на ФА за да се покријат трошоците од коронавирус
кризата, за пониските лиги, женскиот фудбал и фудбалските школи.
Првиот човек на
ЕФЛ официјално го поддржува ова, но од Премиерлигата и ФА изразија разочараност и се
спротивставија.
„Ги прочитавме написите
низ медиумите за планот за реструктуирање на фудбалот во оваа земја. Англискиот
фудбал е најгледан ширум светот, полн е со енергија, динамичност и компетитивна
структура што предизвикува огромен интерес насекаде. За да се задржи оваа
позиција, многу е важно сите да работат заедно. Премиерлигата и ФА поддржува
широка дискусија за иднината на играта, вклучувајќи ги и структурата, календарот
и финансискиот аспект особено поради ефектот на ковид-19. Во фудбалот многу
страни имаат интерес, па потребно е да се дискутира преку прави канали за сите
клубови и страни кои имаат интерес да кажат што мислат и да дадат допринос.
Премиерлигата смета дека голем број на предлози во планот за кој медиумите
пишуваа денеска, ќе нанесат штета на целата игра и разочарани сме што Рик Пери,
првиот човек на ЕФЛ, официјално дава поддршка“ – се вели во соопштението на
Премиерлигата.