„Лекарите на Тотнем се одвратни и патетични, како можеа да го пуштат Вертонген да игра?“

by
2 минути читање

Во 31. минута од
мечот, Јан Вертоген се судри со соиграчот Тоби Алдервирелд и голманот на Ајакс,
Андре Онана, по што потече крв од неговиот нос.

Откако добиваше
третман на теренот, дефанзивецот беше однесен крај аут линијата каде лекарскиот
тим правеше напор да го оспособи за игра. И покрај тоа што судијата
советуваше играчот да не се врати, од таборот на „спарси“ инсистираа тој да истрча
на теренот. Сепак, само неколку минути подоцна Белгиецот не можеше да стои на
нозе, губеше рамнотежа па мораше со помош на луѓе од персоналот на Тотнем да
го напушти теренот и да биде заменет.

И покрај тоа што
ФИФА се обидува да воведе поголема контрола и ред при вакви ситуации и повреди
на главата, често се случуваат вакви пропусти.

Она што се
случуваше вечерва не му се допадна на поранешниот репрезентативец на САД,
Тејлор Твелман, кој имаше сериозни проблеми токму поради тоа што навреме не му
бил дијагностициран потрес на мозокот добиен по еден воздушен дуел.

Како последица на
тоа што продолжил да игра, тој мораше предвреме да стави крај на кариерата.
Сега работи како стручен коментатор за ЕСПН но има и фондација со која се
обидува да ја подигне свеста за последиците од потрес на мозокот, и им помага
на оние кои претрпеле вакви повреди во спортот.

„На Вертоген по
ниту еден основ не смееше да му биде дозволено да се врати на теренот… Одвратно
и патетично однесување на лекарскиот тим на Тотнем“
– напиша тој на Твитер.

По крајот на
мечот, Маурисио Покетино порача дека играчот ќе биде мониториран во следните
денови и потоа ќе одлучат кога ќе се врати во тимот.

„Ќе го мониторираме во следните денови, ќе направиме серија тестови и потоа ќе
видиме“
– рече тренерот на Тотнем.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани