Ајакс му нанесе
голема болка на бранителот на европскиот трофеј Реал Мадрид, шпанскиот гигант
има година која ќе треба брзо да ја заборави, а сигурно му претстои сериозен „ремонт“
во тимот под водство на Солари, чие столче е повеќе од занишано.
Реал Мадрид ги
заврши настапите во Лигата на шампионите сезонава уште во осминафиналето, а
еден од најкритикуваните фудбалери на гигантот оваа сезона, Тони Крос одговори
брутално на критиките, велејќи дека е сосема нормално да имате една лоша година
зад вас, но, тоа што Кралевите го сторија изминатите три години, едноставно не
беше нормално.
„Нормално е да
имате лоша година“ призна Германецот, но потоа испрати и една порака со што ги
замолчи критичарите.
„Тоа што не е
нормално, е тоа што го сторивме во изминатите три години“ посочи фудбалерот од средниот ред,
мислејќи на трите титули во низа за Реал Мадрид во Лигата на шампионите.
Шпанскиот гигант
по пауза од 12 години, повторно го подигна европскиот трофеј во сезоната
2013/14, следната година истиот му припадна на Барселона, за потоа да следат
три години доминација на Кралскиот клуб во Лигата на шампионите, доминација
која синоќа заврши.