Фудбалската федерација на Шпанија денеска го најави стартот на квалификациите за СП 2022, пренесе дека Луис Енрике на 15. март ќе го објави списокот за дуелите со Грција, Грузија и тимот од територијата на Косово.
Ваквата објава го навлече гневот на Фудбалската федерација на Косово, која се закани дека нема да се појават во Севиља доколку не добијат третман на држава.
„ФФК жали за денешната провокација од ФФШ која при најавата на квалификациите за мундијалот во Катар не именуваше како тимот од територијата на Косово“ – се вели во соопштението.
„Косово е независна држава, признаена од повеќето развиени и демократски земји и еднаков член на УЕФА и ФИФА како и сите други земји“.
„Напразно пишуваат дека ќе играат против тимот од територијата на Косово, свесни се дека ќе играат против националниот тим на Косово“.
„Критериумите на УЕФА и ФИФА се јасни и Шпанија го знае ова. Доколку сакаат да се исперат пред сопствените медиуми, тоа е нивен пробелм, но Косово ќе игра само доколку се почитуваат правилата на УЕФА, со национално знаме и химна, во спротивно, мечот нема да се одигра“.
Шпанија не го признава Косово, а медиумите од оваа земја велат дека на натпреварот, знамето на Косово нема да биде истакнато до знамето на Шпанија а химната ќе биде најавена како музика од територијата на Косово.
Луѓе од ФФШ за медиумите брифираат дека тие само се водат по насоките кои им ги дала владата на Шпанија.