Фудбалерите на
Интер нема да бидат во можност да им се приклучат на своите национални селекции
откако клубот донесе таква одлука, а сево ова доаѓа по двете нови зарази со
ковид-19 во тимот.
Интер објави дека
Стефан де Врај и Матиас Весино се новите заразени во тимот, откако претходно со
вирусот се заразија Данило Д’Амбросио и Самир Хандановиќ, а тамошните локални здравствени власти веднаш
дадоа насоки.
Фудбалерите на
Интер нема да тренираат четири денови, а донесена е одлука и за тоа што го
наведовме нешто погоре, односно нема да можат да бидат дел од своите
репрезентации во интернационалната пауза.
„Интер може да
потврди дека Стефан де Врај и Матиас Весино се позитивни на последното
тестирање за ковид-19 кое се реализираше во текот на вчерашниот ден“ се вели во
соопштението на клубот.
„Локалните
здравствени власти во Милано ги дадоа следните насоки до клубот: суспензија на сите тимски активности во
следните четири денови, вклучувајќи го воедно и денот недела, 21 март, а мечот
со Сасуоло предвиден да се одигра во сабота е одложен. Истовремено, се носи
забрана за сите фудбалери да патуваат со своите репрезентации, а во понеделник
пред да продолжиме со предвидените активности ќе бидат обавени нови тестирања“
додаваат од клубот.