Откако Јоаким Лев
најави дека ќе се повлече од селекторската позиција во националниот состав на
Германија, предводникот на Ливерпул, Јирген Клоп продефилираше низ повеќето
медиуми како прв пик за таа позиција.
Како и да е, 55
годишниот фудбалски стратег ги демантираше таквите шпекулации, уверувајќи ја
јавноста дека не сака да го остави на цедило клубот, но и оние кои му се
соработници во моментов.
„Најважниот момент
е фактот што јас во ниту еден момент не реков дека не сакам да бидам селектор,
но, дека не можам, тоа е огромна разлика“ изјави Клоп за „Билд“, објаснувајќи
ја претходната изјава дека постои голема разлика во тоа што го кажал, а тоа што
го пренеле медиумите.
„Од моја страна
постои целосна посветеност на тоа што го работам во моментов, имам исклучително
важна улога во Ливерпул, ова е моја шеста година во клубот, создадов
неверојатна конекција тука со луѓето околу мене, имаме обострана доверба“
додаде тој, а потоа подвлече дека особено одговорна е актуелната ситуација со
која се соочува Ливерпул, алудирајќи на очајната форма и резултати изминатиов
период.
„Во еден ваков
момент, во еден ваков исклучително комплициран период јас да кажам од моја
страна дека ќе си заминам? Не, тоа нема да го сторам“ подвлекува германскиот
фудбалски стратег.
„Да се предводи
националната селекција е огромна чест, немам никакви дилеми во тоа, но ова не е
моментот да се дискутира по таа тема, не можам, жалам, но едноставно не можам
да ги оставам моите одговорности во клубот“ заклучи Клоп.