Шефот на
стручниот штаб на англискиот првак Ливерпул, Јирген Клоп вели дека клубот нема
да ослободи ниту еден свој фудбалер за интернационалната пауза за држави кои се
на црвената листа на Велика Британија во поглед на рестрикциите со ковид-19.
Доколку тоа се
случи, правилата налагаат истите фудбалери да подлежат на карантин од 10
денови, што за Клоп, а веројатно и за повеќето тренери на Островот е апсолутно
неприфатливо.
„Сметам дека сите
клубови во Премиерлигата го имаат овој проблем, а воедно истите и се
согласуваат со ова, едноставно е, не можеме да ги ослободиме момците за потоа
да си создадеме дополнителни проблеми со тоа што ќе мораат да бидат во карантин
десет дена штом се вратат, и тоа во хотел, или на друго место, тоа е
неприфатливо“ изјави Клоп.
„Целосно ја
разбирам потребата од страна на Фудбалските федерации, но ова не е период кога
можеме да ги правиме сите среќни, мораме да признаеме дека фудбалерите се
платени од клубовите, тоа значи дека ние сме приоритет“ додаде германскиот
фудбалски стратег.
„Сите се
согласуваат на оваа тема, не можеме да ги ослободиме фудбалерите во една ваква
ситуација“ заклучи Клоп со тоа што јасно стави дознаење дека повеќето
интернационалци во неговиот тим ќе останат на Островот за мартовските натпревари во мундијалските квалификации.