Астон Вила славеше уште една победа над Болоња, овојпат со 4-0, Нотингем Форест со 1-0 го совлада Порто, што беше доволно за да помине понатаму, Брага со 4-2 славеше на гостувањето кај Бетис и го елиминираше шпанскиот клуб.
Астон Вила со 3-1 победи во Болоња, па денеска требаше да се случи чудо во Бирмингем за италијанскиот тим да помине, тоа не се случи.
Момците на Унаи Емери со три гола во првото полувреме поведоа со убедливи 3-0, погодија Воткинс, Буендиа и Роџерс. Пред самиот крај на мечот Конса ги постави конечните 4-0.
Противник на Астон Вила во полуфиналето ќе биде Нотингем Форест кој со 1-0 го победи Порто и со вкупни 2-1 се пласираше понатаму.
Ситуацијата на Порто стана тешка уште во осмата минута кога Бендарек поради остар старт заработи црвен картон.
Само четири минути подоцна Нотингем ја искористи предноста и преку Гибс-Вајт погоди за водство од 1-0, што на крајот се покажа и како конечен резултат.
Најмногу голови имаше на мечот во Севиља каде Бетис загуби од Брага со 2-4. Првиот дуел заврши 1-1.
Интересно, Бетис имаше фантастично отворање на мечот. Антони во 13. минута донесе водство од 1-0, а 13 минути подоцна Езалзоли погоди за 2-0. Во тие моменти никој не ни помислуваше на пораз, но тоа се случи.
До крајот на првиот дел Брага намали преку Виктор на 2-1, а во второто полувреме даде уште три гола, стрелци беа Витор Карваљо, Хорта и Горби.
Полуфиналните дуели се Нотингем Форест – Астон Вила и Фрајбург – Брага.