„Каталонците“ се подготвуваа за одредена реконструкција на тимот и подмладување во летниот преоден рок, но по разочарувачката елиминација од Ливерпул во Лигата на шампионите, резот кој ќе биде направен во составот ќе биде многу поголем.
Медиумите од Шпанија пренесуваат деа дури на 10 играчи им виси иднината на Камп Ноу. За три имиња од поодамна е јасно дека си одат. Кевин Принц Боатенг и Џеисон Муриљо, кои се на позајмица од Сасуоло односно Валенсија, по „одморот“ од шест месци во Барселона ќе се вратат во своите клубови. Си заминува и Томас Вермален кој ги одработува последните месеци од договорот.
Уште еден играч кој практично ги има спакувано куферите е Јаспер Силесен. Голманот веќе најави дека нема намера да продолжи да биде резерва на Камп Ноу и сака да замине.
Под голем знак прашалник е иднината на Филипе Кутињо, кој не ги оправда очекувањата откако во јануари 2018 пристигна во Барселона за рекордни 160 милиони евра.
На листата се наоѓа и Самуел Умтити, кој оваа сезона одигра многу малку поради честите повреди. Ако пристигне Матајс де Лихт од Арсенал, ситуацијата на Французинот дополнително ќе се закомпликува.
Ако пристигне примамлива понуда за Малком и Бразилецот ќе добие зелено светло за трансфер. Напаѓачот не се изнаигра оваа сезона и „каталонците“ ќе се обидат да вратат што е можно повеќе од инвестираните 41 милион евра.
Деликатна е и ситуацијата на Иван Ракитиќ, кој е важен играч во шемата на Ернесто Валверде, но доколку стратегот замине, големи се шансите и Хрватот да биде продаден за да се приберат средства за подмладување на составот.
Рафиња е уште еден играч кој ќе биде ставен на трансфер листата, исто како и Денис Суарез, кој во вториот дел од сезоната беше испратен на позајмица во Арсенал, но имаше само епизодна улога и се врати предвреме во Барселона откако се повреди.