Мохамед Салах неодамна даде големо интервју за АС во кое не ја отфрли можноста за преселба во Реал Мадрид и Барселона, тој искажа и разочараност што не ја доби капитенската лента за дуелот со Митјиланд.
Ваквите негови изјави беа протолкувани како желба да си замине од Ливерпул и да се пресели во некој од шпанските гиганти, но Карагер смета дека агендата на Салах е сосема друга, сака да обезбеди нов голем договор со англискиот клуб.
„Тајмингот на неодамнешното интервју од кои произлегуваат приказните за трансфер е чудно. Според мене тоа беше порака за сопствениците на Ливерпул да му понудат нов богат договор“, вели Карагер.
„Ливерпул можеше да биде загрижен кога негови фудбалери им се додворуваа на клубови од Ла Лига пред пет години, но не сега. Уверен сум дека Реал Мадрид и Барселона не можат да си го дозволат Салах. Да инвестирате 125 милиони фунти во фудбалер кој ова лето полни 29 години не е добар бизнис“.
Актуелнот договор на Салах истекува во јуни 2023 година, се шпекулира дека Ливерпул наскоро ќе му понуди нов, подобар договор за да стави крај на сите дилеми околу неговата иднина.