Како се трошат парите во ФФМ: Се фалат дека прават инфраструктура, а двојно повеќе трошат за плати, договори на дело…

by
4 минути читање

Македонскиот клупски фудбал е на очајно ниско ниво, инфраструктурата е лоша, фалат помошни игралишта, многу од нив тренираат и играат на истиот терен и не само првите клубови, туку и нивните младински погони.

Муамед Сејдини се фали дека инвестираат во изградба на инфраструктура, но колку средства реално се одлеваат за помош на клубовите? Финансискиот извештај на ФФМ за 2020 година до кој дојде „Спорт1“, вели дека многу повеќе пари завршуваат за плати, договори на дело, разни режиски тришоци отколку за развој на фудбалот.

Од претходниот текст видовме дека за бруто плати, исплата на разни комисии и регрес ФФМ потрошила 78.270.370 денари или 1,2 милиони евра, плус дополнителни 109.580.448 денари или 1,7 милиони евра за договори за повремени работи во кои влегуваат и селекторите, а во изминатата година и премиите за стручниот штаб и останатиот персонал во А-тимот (лекари, масери, економи, секретар, директор…). Ова заедно прави трошок од 2,9 милиони евра, а ако на оваа сума се додаде и данокот (400.000) и режиските трошоци за Куќата на фудбалот кои се дури 85.371.614 денари или 1,3 милиони иевра, се доаѓа до неверојатна сума од 4,6 милиони евра.

Најголемата ставка во режиските трошоци е услогласување од претходните години, за ова се потрошени 12.438.219 односно 200.000 евра, по ресторани се потрошени 90.000 евра, околу 200.000 евра за комуналии, струја, вода, поштарина, телефони, мобилни…, над еден милион денари за шпедиција и царина, односно адвокатски и нотарски услуги, над седум милиони денари за стриминзите, снимање и продукција на ТВ и радио емисии…

Ако на сето ова се додаде и трошокот од за телата и органите на ФФМ кои лани потрошиле речиси половина милион евра, односно 28,5 милиони денари, сумата на трошоци за задоволување на стотици „гладни усти“ годишно надминува пет милиони евра, што е речиси една третина од вкупниот потрошен буџет за 2020 во која половина година и немаше фудбалски активности поради пандемијата на ковид. А тоа е двојно повеќе од парите потрошени за инфраструктура во македонскиот фудбал.

За да се отслика како многу луѓе околу ФФМ заработуваат повеќе отколку што работат може да се земе примерот со контролорите кои добиваат дневница од 5.000 денари за два часа гледање фудбал на стадионот. Тоа значи дека со пет изгледани натпревари или работа од 10 часа тие добиваат македонска просечна плата.

Трошоците на ФФМ за плати од година во година се зголемуваат, така ќе биде и во 2021 ако се погледне буџетот кој Собранието во неделата без расправа си го изгласа. Планирано е 903 илјади евра да се потрошат за плати и регрес (798.000 евра за плати и 105.000 евра за регрес), а уште 480.000 евра пари за договори на дело. Или вкупно 1.383.000 евра само за ова, а 179.000 евра се планирани за даноци по основ на добивка, персонален данок, ДДВ. Остатокот од парите се за комуналии, струја, вода, поштарина, телефони, мобилни, осигурување на имот и лица, банкарски провизии, помош кон општинските сојузи. Предвидена е и ставка за „спроведување на одлуки на Управен одбор“ која е вредна 133.000 евра.

Од усвоениот буџет ФФМ планира да потроши 10 милиони евра, и ако од тие се извадат трошоците за вистинска намена (рапрезентации, домашни натпреварувања…) ќе се види дека повторно една третина одат на недомаќинско расфрлање на милиони евра. А за капитални проекти и инфраструктура во планот нема ншто предвидено.

Можете да пресметате колку повеќе може да им се помогне на македонските клубови доколку луѓето од ФФМ домаќински ги трошат парите, колку помошни игралишта можат да им се донираат. Затоа не е чудно зошто клубовите се бунат, зошто сакаат тие со нивен глас да бираат кои ќе го води фудбалот. 

А кога ќе ги видиме средствата со кои располага ФФМ и како ги троши, исто така не е чудно зошто не сакаат да станат од своите фотелји и зошто не им одговара да го усогласат статутот со законот за спорт во Македонија.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани